Битката за плеј-офот во Суперлигата ќе ја водат четири екипи, што носи распоредот?

Вториот дел од ракометната Суперлига ќе продолжи со четирите кола од регуларниот дел, по што ќе се формира плеј-офот и плеј-аутот, а фокусот ќе биде ставен на битката за плеј-офот, односно кои две екипи ќе го обезбедат истиот.

Во плеј-офот сигурно ќе играат Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и Алкалоид, останува битката на последните четири кола да се потврдат екипи кои ќе завршат на петтото и шестото место.

Тиквеш презимува на петтото место со 18 бодови, Бутел е шести со 18 бодови, Еурофарм Пелистер 2 седми со 17 бодови, а пак Прилеп е осми со 16 бодови. Меѓу овие четири екипи ќе се води борбата за место во плеј-офот, две ќе извисат и ќе разигруваат во плеј-аутот. Таму пак сигурно ќе настапат Пролет, Куманово, Струга и Радовиш.

Тиквеш пролетниот дел го отвара со Радовиш, тим кој е на дното од табелата и каде каваречкиот тим ќе биде фаворит за двата бодови, потоа следува соочување со Прилеп, но по последните случувата кај Тиквеш гостувањето во Прилеп ќе биде тешко, па тука тешко ќе се освојуваат бодови. Следува мечот со Куманово каде Тиквеш ќе мора да ги освои бодовите, а потоа ќе се игра дербито со Бутел Скопје, а ова дерби може и да се покаже како клучно.

Бутел Скопје пак го очекува дуел со Струга каде бодовите треба речиси сигурно би завршиле на контото на скопскиот тим, но потоа следуваа два тешки натпревари за Бутел каде речиси ќе биде многу тешко до позитивен резултат со Вардар дома и со Охрид во гости, а во последното коло од регуларниот дел следува дербито со Тиквеш кое многу ќе решава.

Еурофарм Пелистер 2 има два лесни и два тешки натпревари. Стартува со шампионот Еурофарм Пелистер каде тешко би можеле до бодови, потоа следува соочување со Алкалоид, исто така тешка можност за бодови, но потоа пред младите „пелистерци“ следуваат соочувањата со Радовиш и Струга натпревари каде треба со сигурност да се освојат бодови.

Но, Еурофарм Пелистер 2 веќе зависи и од резултатите на Тиквеш и Бутел Скопје.

Прилеп е во нешто слична ситуација, пролетниот дел го отвараат против Охрид во гости каде тешко ќе биде за освојување на бодови, следува на домашен терен дербито со Тиквеш кое ќе мора да го добие Прилеп, потоа им следува гостување кај шампионот Еурофарм Пелистер каде исто така ќе биде тешко да се освојат бодови и во последното коло соочување со Радовиш меч за можни „сигурни бодови“.

Исто така и Прилеп ќе зависи од резултатите на останатите мечеви, што само по себе говори дека сите екипи ќе мора да освојуваат бодови колку што можат на секој меч, но притоа и ќе зависат и од конкурентите и нивните резултати.

Последните четири кола од регуларниот дел со кои се отвара пролетниот дел ќе понудат вистинска борба и неизвесност, а речиси сигурно во последното коло од регуларниот дел ќе бидат комплетирани плеј-офот и плеј-аут сегментите.

Како што е познато во плеј-офот екипите разигруваат за титула и излез во Европа, додека пак во плеј-аутот се разигурва за опстанок, односно треба да се избегне последното место кое директно води кон испаѓање во Прва лига, како и претпоследното место кое води кон баражот за опстанок во ракометната елита на Македонија, а кој бараж суперлигашот го игра со тимот кој ќе биде втор во Првата ракометна лига.

Пролетниот дел од Суперлигата започнува на 6 односно 7 февруари.

Александар Ванев, М-Нет