
Еден од најталентираните млади македонски ракометари ја продолжува својата кариера во најтрофејниот клуб во земјава. РК Вардар официјално потврди дека потпишал долгогодишен договор со Бобан Поповски, ракометар кој веќе подолго време важи за еден од најперспективните во својата генерација.
Иако е на почетокот од својата сениорска кариера, Поповски зад себе има сериозно искуство и импресивна биографија. Првите ракометни чекори ги направи во екипата на Преспа, по што неговиот развој продолжи во Алкалоид, каде настапуваше за кадетските и младинските селекции и се наметна како еден од носителите на играта.
Во тековната сезона Поповски е дел од Мулти Есенс, каде паралелно настапува за првиот тим во Првата лига, но и како стандарден член на младинскиот и кадетскиот состав, што дополнително го збогатува неговото натпреварувачко искуство.
Значајна е и неговата улога во националниот тим. Како кадетски и младински репрезентативец на Македонија, Поповски особено блесна на квалификациите за кадетското Европско првенство, каде беше најдобар стрелец и еден од клучните играчи, покажувајќи изразен голгетерски инстинкт и лидерски карактер.
Во досегашната кариера може да се пофали со трофеи во Пионерската и Кадетската лига, МВП признание на Пионерскиот Ф4 турнир во 2024 година, место во Ол-стар тимот на кадетскиот Ф4, како и титула во Младинската лига. Сето тоа е јасен показател дека Вардар добива играч со голем потенцијал и јасна перспектива за иднината.
Со овој потпис, „црвено-црните“ уште еднаш испраќаат порака дека сериозно инвестираат во млади и талентирани македонски ракометари, градејќи темел за стабилна и успешна иднина.