Штипските пензионери почнаа да плаќаат по 5.000 денари за метар просторен огревни дрва

По 5.000 односно 4.900 денари за метар просторен огревни дрва почнаа да плаќаат штипските пензионери. Здружението во Штип од денес ги прима паричните средства, кои може да се уплатат на седум месечни рати. И покрај високата цена, заинтересираноста на првиот ден е голема, вели претседателот, Ристе Нетков.

„Сакам да ги информирам пензионерите дека од денес, 6 март, започнавме со уплата на парични средства за огревни дрва за 2023 година. Цената на дабовите огревни два за метар просторен е 5.000 денари, а за метар просторен бука е 4900 денари. Сумата ќе може да се плати на седум месечни рати, а дрвата ќе почнат да се испорачуваат веднаш по првата исплатена рата. Првиот ден заинтересираноста е зголемена, бидејќи ние во овој момент веќе имаме запишано преку 2.000 метри просторни дрва, што и нас нѐ изненадува за овој период од годината“, истакна Ристе Нетков, претседател на Здружение на пензионери – Штип.

Минатата година со проблеми се соочија и Здружението на пензионери и Здружението на инвалидски пензионери во Штип. Грејната сезона во еден момент беше неизвесна за над 500 нивни членови, на кои финансиските средства им беа вратени. Цената мината година се коригираше трипати, по што пензионерите мораа да комуницираат директно со добавувачите за да одлучат дали ќе набават огревно дрво по повисока цена. Нетков се надева оти минатогодишната ситуација нема да се повтори.

„Мислам дека нема да нѐ снајде ланската состојба, бидејќи знаете како беше минатата година. Затоа сега поблаговремено ги почнавме сите подготовки, веќе имаме склучено договор и со повеќе фирми и се надеваме дека благовремено и целосно на сите наши пензионери ќе ги испорачаме огревните дрва за оваа сезона“, додава Нетков.

Минатата година испораката на дрва беше откажана и за околу 750 пензионери од Кочани поради административни и технички проблеми, односно намалената сеча и обновувањето на шумата поради пожарите кои му се случија на кочанскиот регион.

Ребека Спасова М-Нет