Нова шанса за Штип да ја добие првата општинска обврзница, Советот ќе одлучува утре

Нова година, нов обид за Штип да ја добие првата општинска обврзница. По првото одбивање од Владата, процесот ќе мора да се повтори од почеток и на утрешната седница Советот ќе ја донесе првата потребна одлука за негово отпочнување. Ќе се очекува согласност и од Комисијата за хартии од вредност и Министерството на финансии додека барањето да стигне до Владата. Градоначалникот Јорданов очекува тоа да се случи најдоцна во април.

„Во тековната 2023 година повторно ќе се обидеме до Комисијата за хартии од вредност и до Министерство со финансии да добиеме потребна согласност за да доставиме барање до Влада да се издаде обврзницата. Веќе на утрешната седница на Совет очекувам советниците да донесат Одлука за издавање на општинската обврзница, којашто ќе биде проследена со одлуки од Комисијата и Министерството. Се надевам дека Владата конечно ќе овозможи да се реализира истата обврзница и да можат заинтересираните страни, фондови, банки и правни лица истата да ја откупат, а со тоа и да се реализираат очекуваните и ветените проекти“, истакна Јорданов.

Барањето ќе се поднесе за ист износ, во висина од 4.000.000 евра, а парите е предвидено да се искористат за проектите коишто и претходно беа наведени, односно булеварот „Партизанска“ и проектот за обиколница во Штип.

„Идентичен е износот, предвидени се истите проекти. Се надевам дека овојпат ќе се надминат недоразбирањата и политичките опструкции коишто во изминатиот обид беа присутни и дека во 2023 година сепак ќе успееме во издавањето на првата општинска обврзница“, додаде Јорданов.

Првиот пат обврзницата ги доби сите потребни согласности од Советот, Комисијата за хартии од вредност и Министерството за финансии, но кочницата ја стави Владата. Според Јорданов, тоа се случи без објективни причини, туку само на политичка основа.

Ребека Спасова М-Нет