Кочани ќе добие нова мерна станица на општинската зграда, јавната набавка во тек

Квалитетот на воздухот во Кочани деновиве е добар, а истовремено нема драстична загаденост на истиот. Ама, колку мерната станица во Кочани која се наоѓа во индустрискиот дел ја дава точна слика на терен кога е во прашање загадувањето на воздухот? Во централното градско подрачје нема мерна станица па од овде под знак прашалник се става веродостојноста на податоците со загадување на воздухот. Граѓаните реагираат на потребата од поставување на нови мерни станици, а за тоа согласни се и од невладините организации.

„Одлуката на Совет мора да се испочитува од страна на општината и Локалната самоуправа бидејќи тоа е одлука. Ние поддржуваме да тоа биде што побргу бидејќи кога ќе знаат загадувачите дека ќе има мерни станици, ќе се воздржуваат од некакви инциденти.“ – вели Тодоров.

Од Локалната самоуправа во Кочани истакнаа дека во Буџетот се предвидени средства за инсталирање на две мерни станици, но во моментот во постапка е јавната набавка за првата.

„Во тек е јавна набвка за инсталирање на првата мерна станица која ќе биде поставена на општинската зграда. Ова е во соработка со УГД. Понатаму ќе се инсталира и втората бидејќи средства во Буџетот на Општина Кочани има предвидено за две мерни станици“ – вели Папазов.

Еден од главните загадудачи на воздухот во Кочани и понатаму остануваат земјоделските остатоци кои се палат и го намалуваат квалитетот на воздух. Тодоров вели редно време е земјоделците да прифатат нов начин на уништување на земјоделските остатоци.

Според екологистите проблемите со загадувањето во Кочани мора да се надминат за да се дише чист воздух, а за оваа цел мора да има поддршка и помош од Локалната самоуправа.

Лаура Стојанова М-Нет