Штипските велосипедисти на новогодишна тура делеа чоколади на најмалите

Од населбата Осми ноември почна акцијата на штипските велосипедисти, членови на МТБ Штип, за делење чоколади на најмалите. Акцијата е во форма на велосипедска тура, којашто ќе се реализира низ повеќе населби во Штип, а чија цел е да се стигне до најмалите и да се пренесе радост и новогодишната магија.

„Рутата денес е планирано да почне од населбата Осми ноември, се вози низ градот Штип, кон населбата Баби, во училиштето, па во Дузлак, во Паркот на фармација и на крајот се оди на Плоштадот, каде се одвива големиот дел од настаните“, вели Дарио Атанасов, член на МТБ – Штип.

МТБ Штип освен што годината ја завршува со велосипедска тура, на иста начин ќе ја започне и следната 2023 година. Уште утре ќе се вози до локалитетот Баргала, активност која има повеќе од 15-годишна традиција.

„Првата наредна рута или маршута во новата година е испланирана на 1 јануари, каде што ќе се вози до Баргала, што е една манифестација која се организира повеќе од 15 години“, додава Атанасов.

Велосипедската тура со делење чоколади на најмалите се организира веќе трета година по ред, а оваа година во истата се вклучени околу 60 – 70 члена од групата.

Ребека Спасова М-Нет