
По 23 години, Штип конечно доби нов Генерален урбанистички план. На денешната седница на Советот на Општина Штип советниците едногласно ја донесоа Одлуката за усвојување на ГУП на град Штип како најважен урбанистички документ кој треба да даде придонес за раст и развој на градот. Со истиот Штип ќе има 30% урбано зеленило, поедноставена сообраќајна мрежа и индустрија која се задржува кон периферниот дел на градот, а кај која е предвиден и идеен развој.
„Со донесувањето на овој урбанистички план ќе се овозможи планирање од пониско ниво во период 2014 – 2029 година. Со тоа ќе се овозможи флексибилност на примена на планот, флексибилно искористување на наменските зони коишто ги дефинира истиот. Битно да напоменеме дека од аспект на урбано зеленило овој урбанистички документ овозможува околу 20% урбано зеленило. Ако на истиот се додаде и урбаното зеленило на ниво на градежни парцели, согласно со Законот за урбано зеленило, може да истакнеме дека во Штип ќе се овозможи најголем процент во споредба со кој било друг град, што би било околу 30%. Од страна на сообраќајната мрежа, за разлика од претходното планско решение се поедноставува самата сообраќајна мрежа на тој начин што се исфрла кон периферните делови од градот“
Важноста на документот ја образложи и градоначалникот, Иван Јорданов, кој посочи дека новиот ГУП е плод на работата на Одделението за урбанизам, целата администрација, релевантни институции, неколку локални гарнитури и градоначалници. Старата година, според него, се завршува на еден значаен начин, со донесување нов Генерален урбанистички план на град Штип.
„Потребата за носење на нов генерален урбанистички план на Општина Штип е иницирана уште во 2013 година и она коешто денес Советот на Општина Штип треба да го донесе е нешто во што учествувале неколку локални гарнитури, неколку градоначалници кои ја констатирале потребата за носење на нов ГУП. Преку истиот ќе се стимулира растот и развојот којшто е многу пофлексибилен и посоодветен на моменталните потреби“, вели Јорданов.
Новиот Генерален урбанистички план во претходна постапка беше одобрен од страна на Министерството за транспорт и врски, а денес официјално донесен на седницата, на која зелено светло дадоа советниците и од опозицијата и од власта.
Ребека Спасова М-Нет