Штипската Библиотека дел од настан во Кавадарци со библиотекари од цела држава

Претставници од штипската Библиотека два дена се дел од структурен дијалог организиран во кавадаречката Библиотека. Истиот е во насока на заштита и унапредување на библиотекарството преку размена на идеи од сите претставници на библиотеките низ државата, од што произлегоа насоки за идно работење на овие установи.

„Организиравме структурен дијалог за заштита на библиотекарството во Македонија во време на економска криза. Овој структурен дијалог е еден настан од истоимениот проект. На настанот учествуваат претставници од 20 библиотеки, библиотекари и директори на институции и како краен резултат би требало да излезе еден документ по кој би требало да работиме сите библиотеки во насока на унапредување на библиотекарството“, истакна Петар Гурев, директор на Библиотека „Феткин“ – Кавадарци.

Според директорката на штипската Библиотека, Ивана Стојанова, која беше дел од тимот кој ја претстави Библиотеката во Штип, оваа конференција е од особено значење за развој на Библиотеката во Штип, а вмрежувањето и партнерството меѓу библиотеките значи посилни библиотеки и нивна поголема видливост.

„Идеите што беа изнесени на оваа работилница се надеваме дека ќе ги имплементираме и во нашата библиотека и ќе имаме што е можно повеќе работилници за соработка со другите библиотеки“, вели директорката на НУ-УБ „Гоце Делчев“ – Штип, Ивана Стојанова.

Настанот е организиран во соработка со Библиотекарското здружение, од каде претседателката, Јана Михајловска, посочи дека и понатаму ќе поддржуваат средби кои се со цел развој на библиотекарството во земјава.

„Во принцип, Библиотекарското здружение и јас како претседател во мојот мандат поддржувам и ќе продолжам да поддржувам вакви конструктивни средби и понатаму, така што се надевам дека ова нема да ни биде последна средба на библиотекарите и ќе продолжиме да работиме во насока на унапредување на библиотекарството“, вели Јана Михајловска, претседателка на Библиотекарското здружение на Македонија.

Проектот кој го реализира Библиотеката во Кавадарци е поддржан од Министерството за култура.

Ребека Спасова М-Нет