Барбареев: Мора да се смени концептот на оценување за да нема оценки преку врски

Речиси 90% од родителите бараат врски за оценките на своите деца – тоа е тема која подолго време го мачи општеството. Професорот Кирил Барбареев вели дека концептот на оценување е стар речиси половина век и мора да претрпи промени со цел да не се појавуваат проблеми како овие. Истражувањата на комисијата за спречување на корупција покажаа поразителни резултати, бидејќи 60 до 70% од учениците се сведоци на незаслужени оценки. Барбареев вели дека мора да се работи за надминување на оваа проблематика, треба да се потрудат и наставниците и родителите, бидејќи училиштата работат за образованието на децата.

„Тоа е тема која подолго време го мачи ова општество. Концептот на оценување кој е стар 40 до 50 години мора да се менува заради тоа што денеска ако не сте одличен вие не може да го продолжите понатамошното образование. Тука не се виновни само родителите и треба да се биде многу внимателен во давањето на проценки како да се пристапи кон она што е всушност треба да бидат системски решенија за подобрување на одредени процеси. Подобрувањето на образованието бара подобрување и работа секој ден на истите процеси, со интезивна работа, со надминување на одредени суети“ – вели Барбарев.

Од комисијата за спречување на корупција посочија дека во тек е кампања во училиштата со која на децата им се посочува како да ги препознаат и следат позитивните примери, а не негативните. Пораката за спречување на корупцијата е транспарентност и интегритет.

Лаура Стојанова М-Нет