Шкупи ја доби Македонија ЃП, реми на Работнички и Гостивар, Тиквеш до три бода

фото: ФК Работнички

Денес беа одиграни три натпревари од 15. коло од Првата македонска фудбалска лига, откако истото беше отворено во Штип со дуелот меѓу Брегалница и Шкендија, кој заврши без победник (2:2).

Работнички и Гостивар ги поделија бодовите откако двете екипи одиграа реми без погодоци (0:0), со што новиот тренер на „романтичарите“ Гоце Седлоски дебитираше со реми против повратникот во „елитата“.

Тиквеш на домашен терен со минимални 1:0 ја доби Брера Струмица со голот на Оливер Стоименовски, со што кавадарчани им се вратија на победите.

Шкупи ја доби Македонија ЃП во скопската пресметка каде еден гол го одлучи победникот за минимална победа од 1:0 на лидерот од Чаир. Марио Младеновски во 67. минута го постигна единствениот победнички гол.

Снегот денес одложи два натпревари, фудбал не се играше во Кратово каде требаше да играат Силекс и Вардар, како и во Струга каде требаше да се одигра Езерското дерби меѓу шампионот Струга Трим Лум и Воска Спорт, па овие два натпревари се одложени за на 6. декември со почеток од 13 часот.

АВТОР: Александар Ванев