Шкендија Арачиново: Насилството нема место на спортските терени и клубот не се обиде да го скрие или камуфлира инцидентот

Шкендија Арачиново денеска излезе со јавна реакција во врска со инцидентот што се случи на натпреварот против Брегалница Штип. Го пренесуваме во целост:

,,Во врска со пишувањата на некои медиуми, кои објавија дека навивач нападнал играчи на Брегалница, сакаме да појасниме дека во ниту еден момент за време на натпреварот ниту еден навивач не влезе на теренот.
Инцидентот се случи помеѓу член на стручниот штаб на нашиот тим и играч на гостинскиот тим.
Насилството нема место на спортските терени и Шкендија во ниту еден момент не се обиде да го скрие или камуфлира инцидентот.
Имајќи го предвид фактот дека од почетокот на сезоната ова е прв инцидент на нашиот терен, сметаме дека Шкендија заслужува повеќе почит од спортската јавност.
Не ја разбираме хистеријата што се создава на секој стадион каде што игра нашиот тим. Ние сме само фудбалски клуб кој на секој натпревар влегува со цел да победи.
Уште еднаш потврдуваме дека не бараме оправдувања за случајот, но треба да се земат предвид сите околности, бидејќи сè беше снимено од камерата на Федерацијата. Провокациите од првите минути ги имате на видеото, со јасни снимки. Црвениот картон за играчот на Брегалница не беше случајност.
А ако страста кон спортот и љубовта кон клубот треба да се казнат, тогаш Шкендија е најголемиот виновник.” – истакнаа од Шкендија Арачиново.

Инаку во врска со овој настан, лицето беше приведено од страна на полицијата. Натпреварот заврши со победа на гостите со резултат 1:2.