Шкендија Арачиново е главен фаворит на Северот за влез во Втора лига!

Екипата на Шкендија од Арачиново во новата сезона во Третата македонска фудбалска лига – Север ќе биде главен фаворит за првото место и баражот за можен влез во Втората македонска фудбалска лига.

Екипата веќе една недела е во тренажен процес со што се темпира формата за новата сезона, а веќе во сабота ќе одигра и пријателски натпревар против младинците на Шкупи.

Фудбалерите работат во полн ек со цел да ја добијат потребната форма, бидејќи во новата сезона Шкендија има отворени амбиции да заврши на првото место. Минатата сезона третолигашот од Арачиново заврши на второто место зад шампионот Куманово, кој не успеа да го помине баражот со прилепска Победа и останува во Трета лига – Север и во новата сезона.

Шкендија направи големи промени во ростерот за новата сезона, а промовираше квалитетни засилувања од Прва лига. Меѓу позвучните засилувања се Дарио Десниќ кој доаѓа од директниот конкурент Куманово, а кој во минатото настапуваше во Првата лига за Вардар, Шкупи, Силекс, Скопје.

Во пакет од прволигашот Воска Спорт пристигнаа Љупче Трпески и голманот Бурхан Мустафа, а тука е и Јусуф Алиу кој пристигна од второлигашот Детонит Плачковица. Како што претходно информираше телевизија М Нет, Шкендија Арачиново промовираше уште неколку засилувања, а со некои од минатата сезона ја продолжи соработката, додека пак со неколку играчи се раздели.

Во новата сезона неколку екипи ќе се борат со Шкендија за првото место, а во таа борба влегуваат екс прволигашот Еуромилк ГЛ, БВК Коњаре, Фортуна како и Куманово.

Александар Ванев, М-Нет