Целосна плата на сметка или остатокот пари во плик, каква е праксата, а што вели Законот?

Минимална плата по Закон, но остаток во плик или уште полошо, враќање на пари назад кај работодавачот. Ова е честа слика во државата, особено кај вработените во текстилната индустрија. Со покачување на минималната плата на 18 илјади денари се зголеми и бројот на вработени лица кои мора да враќаат пари назад. Од Здружението „Гласен текстилец“ – Штип, уште еднаш посочија на правата на работниците, додавајќи дека истите не треба да потпишуваат договори од неопределено на определено време, да остануваат на принуден одмор или да враќаат пари во плик.

„Законот е дециден, минималната секој месец мора да биде исплатена до 15 во месецот. Секое враќање од плата на рака на работодавачот претставува кривично дело и за тоа имавме поднесено неколку кривични постапки пред надлежните јавни обвинителства во државата. Исто така имало случаи каде работодавачот не ја исплаќал платата на работниците, односно истата не поминува преку Управата за јавни приходи, туку на работниците им исплаќа пари во плик, што исто така е кривично дело. Сето тоа е само на штета на самите работници, бидејќи со секое давање пари во плик парите ниту се оданочени, ниту се уплатени придонеси во Фондот за здравствено и пензиско осигурување“, истакна Иван Николов, правник во „Гласен текстилец“.

Од „Гласен текстилец“ истакнуваат дека работниците честопати пријавуваат вакви злоупотреби од страна на работодавачот. Нивниот начин на делување е со цел да се помогне на работниците.

„Здружението „Гласен Текстилец“ во Штип во изминатиот период ја ужива довербата од страна на работниците. Имаме чести пријави во овој дел, каде што и по нашите укажувања дел се прифаќаат, а во останатиот дел се покренуваат кривични постапки, судски постапки. Имаме и беспрекорна соработка со Државниот трудов инспекторат“, додава Николов.

Правна поткрепа нема, ниту седењето дома на работниците по усно укажување од страна на работодавачот. Од „Гласен текстилец“ со став и апел до работниците да не отсуствуваат од работа и да не потпишуваат никакви документи.

Лаура Стојанова М-Нет