Целер – природен чистач на организмот, растение достапно во текот на целата година

Целерот е растение кое расте повисоко од магданосот, листовите му се поголеми и може да формира топчест корен. Корисните состојки се присутни во сите делови на растението, како во коренот, така и во стеблото и листовите, а и во самото семе. Најчесто луѓето го купуваат за проблеми со мрснотиите, ама се користи и за други разни болести. Во минатото целерот се одгледувал само за есен и рана пролет, додека денес може да се набави (по пазарите и маркетите) цела година. Производството на целер не бара многу и макотрпна работа, велат оние кои го произведуваат.

„Целерот спаѓа во попчести растенија, што значи дека може во секое време да се најде и зимо и лето. За него е потребно расад да се произведе и потребно е расадување. После нормално треба да се копа и да се одгледува. Многу работа во целерот нема. Луѓето исклучиво го користат за најповеќе за мрснотии, а инаку има и други корисни својства ама за мрснотии најмногу се користи“ – велат произведувачите на целер.

Целерот содржи огромно количества на витамини и минерали и тоа во сите негови делови, и лисјата и стеблото и коренот. Листовите на целерот се богати со витамин C и каротин, а коренот содржи калиум, калциум, фосфор. Во сите делови на целерот постои никотиновата и глутаминовата киселина и мало количество шеќер. Стеблото содржи големо количество разни соли и токму затоа се препорачува да се пие сок од него. На пазарите цената му е пристапна за џебот на граѓаните, а дури 90% од купувачите ги знаат неговите позитивни својства, и го користат во исхраната.

„Има го во различна големина, формата му е иста. Успева и во нашите краишта. Цената му е од 50 до 100 денари од парче. За луѓето не е скапо и се троши многу, 90% од купувачите се запознаени со неговите придобивки“ – додаваат тие.

Целерот е од огромна полза за човечкиот организам. Тој има особина да го прочистува организмот од токсините, па заради своите анти токсични својства одличен е за „пролетно“ чистење на организмот, после зимските денови.

Лаура Стојанова М-Нет