Фудбалот во Делчево се сака – ФК Брегалница Делчево има план за работа за следните пет години!

Фудбалскиот клуб Брегалница Делчево по една година пауза се врати во Третата фудбалска лига – Исток и со свои играчи бележи одлични резултати, со акцент на млади играчи, но клубот има план за работа за следните пет години.

Додека клубот не беше активен во сениорска конкуренција, во Делчево се работело со младинските категории.

„Во Делчево и за време на паузата се работеше со млади категории, Брегалница Делчево има многу млади деца, имаме тренери кои добро работат со дечињата кога одиш на стадион, стадионот е полн, да ти се наполни душа и срце. Фудбалот во Делчево се сака многу, секако со разговор со тие што ги спомнав сопственици во Делчево, не кроиме ние план за една година, значи ние имаме план за следните пет години. Не само за натпреварувачки, фудбалски, ние имаме план за инфраструктура за стадионот“, рече Гоцевски.

Како што вели Гоцевски во гостувањето во спортскиот магазин Трибина на М Нет телевизија клубот сака да постави здрави темили и да има јасни цели и планови на долгорочен план.

„Ги поставивме темелите, за буџет пример за оваа година гледаме дека уште сега веќе нашиот буџет, а прва полусезона, нашиот буџет е веќе исполет и тие истите спонзори остануваат. Дај Боже, а се надевам ќе има и нови спонзори и со тоа ние даваат еден ветер во грб дека ние само можеме да напредуваме од сега па натаму. Затоа значи не сега одма, но во следните години ако се укаже некоја прилика можеме да ја нападнеме таа позицијата за Втора лига, но искрено да ви кажам треба добро да се размисли. Значи Втора лига во Македонија не е мал залак, не е само да влезеш во Втора лига, како некои екипи што го прават тоа, да дојдеме пак во ситуација да се бориме за клубот па пак да го враќаме“, додава Гоцевски.

Брегалница Делчево во минатото настапуваше и во фудбласката елита на Македонија, а трибините тогаш, но и на последниот есенски меч од тековната сезона со Малеш беа преполни.

„Во Делчево имаме многу спонзори, тие спонзори не се случајни. Брегалница Делчево се сака, луѓето, спонзорите тие млади луѓе видоа нешто позитивни и се приклучија. Ако не го сакаат клубот нема да се приклучуваат. Делчево сега, но и во минатото има голем интерес за фудбалот, Брегалница Делчево е единствениот клуб во нашиот град, нормално е да го поддржуваат. Ние сега моментално сме во Трета лига, но Брегалница била и во Прва лига, јас како мал се одвај се сеќавам трибини беа преполни. Во оваа Трета лига сега последниот натпревар го покажа исто тоа имаше над 1200-1300 сигурно публика заедно со гостите од Берово. Така да тоа ни влева некоја надеж дека ќе има следни интересни фудбалски години во Делчево“, заврши Гоцевски.

Брегалица Делчево есенската полусезона ја заврши на 4. место со 14 бодови, а пролетниот дел го отвара на домашен терен против Тиверија од Струмица.

Александар Ванев, М-Нет