
Македонскиот футсал шампион Форца вечерва запиша втора убедлива победа во претквалификациите во Лигата на шампионите, откако во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со 9:3 го декласираше тимот на Ренџерс од Андора, со што е прва во групата А со ист број на бодови како и Титоград од Црна Гора, па мечот од третото коло ќе решава за првото место и пласманот во следната фаза.
Во одлична игра на македонскиот шампион по само 30 секунди игра искусниот Левески постигна гол за водство на Форца, но потоа Ренџерс брзо израмни на 1:1 преки Переира. Левески со втор гол обезбеди нова предност за Форца од 2:1, а потоа Исмаили погоди за 3:1.

Переира со втор гол намали на 3:2, а Левески со трет гол обезбеди 4:2 на полувреме за Форца.
Во вториот дел Берио постигна гол за 4:3 и одново се обидуваше да го врати Ренџерс во игра, а потоа на сцена одново стапи доминацијата на Форца. Омеровиќ погоди за 5:3, Амат погоди за 6:3, Исмаили со нови два гола зголеми на 8:3, а пак Исаки постигна гол за конечни 9:3.

Титоград обезбеди три бода против Блу Меџиг откако славеше со 3:2, па тоа значи три бода за екипата од Црна Гора и дерби во третото коло меѓу Титоград и Форца за тоа кој да биде прв во групата и да се пласира во следната фаза.
Александар Ванев, М-Нет