Филипче молчи додека Бугарија го загрозува државниот интерес, обвини ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека молчи во врска со објавувањето на дипломатската нота од Бугарија. Според партијата, објавувањето на доверлива дипломатска комуникација од страна на Бугарија е скандал без преседан и директен удар врз безбедноста и достоинството на Македонија. Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, тоа е сериозен дипломатски скандал и чин кој отвора низа прашања за одговорноста, професионалноста и почитувањето на меѓудржавните односи.

„Бугарското МНР тврди дека документот е за далечното минато, но без разлика на обидите на бугарското Министерство за надворешни работи да го релативизира случајот со тврдења дека станува збор за информации од подалечно минато, останува фактот дека во објавената нота се содржани конкретни податоци. Токму тоа е суштината на проблемот. Не е прашање дали информациите се од вчера или од пред одреден период, туку како доверлив дипломатски документ, кој содржи чувствителни безбедносни информации, завршил во јавноста.

Доколку податоците не биле точни, тогаш бугарските власти ќе можеа лесно и недвосмислено да го демантираат нивниот карактер и значење. Наместо извинување, тие се обидуваат вниманието да го префрлат на временската рамка на настаните, избегнувајќи да одговорат на клучното прашање зошто воопшто биле објавени информации што биле дел од доверлива дипломатска комуникација“, се наведува во соопштението.

Од таму велат дека Филипче секојдневно зборува за европски вредности, но сега молчи.

„Бугарија се изјасни но Венко Филипче се уште молчи. Филипче секојдневно зборува за европски вредности, добрососедство и партнерство, но сега молчи и нема ниту еден збор за дипломатскиот преседан што го направи Бугарија. Нема реакција ниту за нарушувањето на довербата меѓу две држави, ниту за објавувањето на чувствителни информации кои не требало да бидат достапни за јавноста. Филипче молчи за да не му се налутат бугарските соработници. Филипче и СДС молчат и тоа е познат образец на однесување секогаш кога станува збор за потези кои доаѓаат од официјална Софија. Филипче и СДС се гласни дома а тивки кога треба да се упати критика кон Бугарија. Со тоа Филипче и СДС испраќаат порака на подготвеност за премолчување на постапки кои се спротивни на интересите на Македонија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, овој случај е доказ дека на европскиот пат Македонија ќе се соочува со бројни предизвици, притисоци и обиди за наметнување на туѓи позиции. Токму затоа, велат од партијата, потребно е национално единство и јасна одбрана на државните интереси.

„Овој скандал уште еднаш покажа кој е подготвен да ја брани Македонија, а кој е подготвен да молчи кога државата е нападната. Македонија нема да се повлекува и нема да прифаќа понижувања. Националните интереси не се предмет на пазарење“, се наведува во партиското соопштение.

Текстот Филипче молчи додека Бугарија го загрозува државниот интерес, обвини ВМРО-ДПМНЕ е превземен од МАКФАКС.