Министерството за образование и наука го распиша Конкурсот за доделување на стипендиите „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус во рамки на Пан-европската извршна МБА програма на Универзитетот Јорк за академската 2026/2027 година. Конкурсот предвидува 20 стипендии за вонредни двегодишни студии со двојна диплома од Универзитетот Јорк и Универзитетот во Стразбур, кои се реализираат на Европскиот кампус на Универзитетот Јорк во Солун, Грција.
Програмата е наменета за стручни лица од различни профили и за бизнис менаџери вработени во приватниот и во јавниот сектор, а се нуди во шест насоки: Општ менаџмент, Маркетинг, Финансии, Менаџмент во логистика, Менаџмент во здравство и Менаџмент на човечки ресурси.
„Горди сме што продолжуваме да ја градиме оваа партнерска приказна со македонската Влада. Преку стипендиите „Борис Трајковски“ повеќе од 20 години на македонските професионалци им овозможуваме пристап до врвно европско образование без да ја напуштат државата и без да го прекинат своето кариерно темпо, диплома од два угледни европски универзитети која се стекнува тука, во регионот“, изјавија од Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.
Наставата се одвива за време на викенди со физичко присуство на Европскиот кампус во Солун, дополнета со три студиски недели на Универзитетот Јорк во Обединетото Кралство, на Универзитетот во Стразбур во Франција и во Солун, Грција. Сите предавања се на англиски јазик, а по успешното завршување студентите добиваат две дипломи за извршни мастер студии по деловна администрација.
Краен рок за пријавување за стипендиите „Борис Трајковски“ е 31 јули 2026 година. Сите потребни информации за подготовка на апликацијата и достава на документите се достапни на линкот од Конкурсот.
Текстот Конкурсот за стипендиите „Борис Трајковски“ е отворен е превземен од МАКФАКС.