
Второлигаши кои го носат епитетот на фаворити за Прва лига според очекуваното тргнаа во новата сезона. Беса, Пелистер, Детонит Плачковица и Победа впишаа по три бода во првото коло и со тоа ја започнуваат своја мисија за пласман во „елитата“ на Македонија.
Беса и Победа беа најубедливи на стартот од новата сезона, ги „искинаа“ мрежите на противниците и најавуваат пеколна борба за местата кои водат во Прва лига.
Беса беше најактивна на трансфер пазарот и ангажираше квалитетни и звучни имиња со прволигашко искуство, помина одлични подготовки, а на првиот меч од новата сезона Беса со четири гола во мрежата (0:4) му посака добредојде на Осогово во Втората лига.
Победа со „петарда“ го декласираше Тетекс кој немаше сили да му парира на ланскиот прволигаш кој впиша три бода со убедливи 5:1.
Пелистер предводен од Влатко Костов го доби соочување во Струмица со 0:2 против Беласица. Во дербито на некогашните прволигаш битолчани дома си заминаа со цел „плен“.
Детонит Плачковица се намачи, но тргна според планот, откако со минимални 1:0 го доби Вардар Неготино на домашен терен.
Овие екипи практично ќе ја водат борбата за Првата лига, а дополнително ќе напаѓа и ланскиот прволигаш Скопје, кој сезоната ја отвори со реми во Македонска Каменица против Каменица Саса играјќи 1:1.
Конкуренцијата за Првата лига ќе биде голема и ќе има тешки и многу важни натпревари, а исто така и екипите кои ќе бркаат опстанок ги очекува долга и тешка сезона.
