
Новаци по долги години се врати во Втората македонска фудбалска лига и на стартот имаше натпревар за паметење, откако направи изненадување во Битола и со 2:0 го совлада Арсими од Чегране.
Дефинитивно Новаци е најголемото изненадување во првото коло од новата сезона, а повратникот на своето конто впиша три многу важни бодови на патот кон остварување на својата цел – сигурен и директен опстанок во Втората македонска фудбалска лига.
Судијата Александар Василевски подели вкупно 9 жолти картони, шест кај домаќинот и три кај гостинот.
Новаци кој е предводен од Дарко Крстевски го отвори резултатот во 45. минута со голот на Стефан Јовановски со што на полувреме домаќинот имаше гол предност (1:0). Во вториот дел Арсими се обидуваше брзо да постигне гол и да се врати во егал борба. Тренерот Вилдан Салиу од 59 до 77 минута направи три измени со цел да го освежи тимот и со тоа да направи посериозен притисок кон голот на Николче Симоновски.
Сите дилеми беа решени во судиското надополнување кога резервистот Димитар Јовановски постигна гол за конечни 2:0 и со тоа трите бодови останаа дома.
Во следното коло Новаци ќе игра локално дерби со фаворитот Пелистер, а пак Арсими против Каменица Саса ќе оди на поправен и обид за прв триумф и први бодови.