
Уше неколку дена остануваат до завршување на првиот рок за упис на првачињата. Од ООУ „Славејко Арсов“ во Штип, потсетуваат дека крајниот рок за запишување на првооделенците е до 30 мај.
„Уписот се врши во канцеларијата на стручни соработници – педагог и психолог, од 8:00 до 14:00 часот. Ќе се запишуваат деца родени од 1.1.2019 година до 31.12.2019 година. Според чл.60 став 7 од Законот за основно образование можат да се запишат и децата родени од 1.1.2020 година до 31.1.2020 година (по претходно барање од родителите – старателите и добиено мислење од педагогот или психологот во училиштето). Пријавувањето за упис во прво одделение се врши во училиштето со евиденција на име и презиме на детето во интерна книга за термини.“ – велат од основното училиште.
При уписот во прво одделение во училиштето задолжително треба да дојдат родител/старател и детето (разговор со детето), со потребните документи за упис. Врз основа на чл. 63 став 1 од Законот за основно образование, родителот, односно старателот има право и обврска да го запише детете во основното училиште во реонот во кој има живеалиште или каде што има престојувалиште. Врз основа на чл.60 став 2 и 3 од Законот за основно образование, родителот при запишување на детето во прво одделение е должен до општинското основно училиште да достави потврда за примените задолжителни вакцини за детето, потврда за стоматолошки преглед, потврда од офталмолошки преглед. При запишување на дете со попреченост потребно е да се достави и проценка за попреченост од системот за проценка на лица со попреченост, за дополнителна образовна поддршка; Дополнителни документи: Извод од матичната книга на родените на детето (копија); „Досие на детето“ – мислење на стручниот тим од предучилишната установа (доколку детето посетувало предучилишна установа); Родителот како доказ за живеалиште односно престојувалиште треба да достави личен документ/лична карта.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет