Од денеска семејствата на починатите од пожарот во Кочани може да се приклучат во кривичниот прогон

Од денеска до четврток семејствата на починатите од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани може да даваат изјави во обвинителството. Преку исказите ќе можат да си ги остварат своите права како оштетени, да се приклучат на кривичниот прогон и директно да се информираат за текот на истрагата. Родителите на починатите деца од пожарот на последниот протест во Кочани одговарајќи на новинарско прашање истакнаа дека доколку нема нови осомничени немаат потреба да одат по институции.

Од Обвинителството велат дека сè уште е активен повикот и до сите останати коишто имаат лични сведоштва за несреќата, информации и докази за работата на клубот „Пулс“, да ги споделат со истрагата.

Во трагедијата на 16-ти март загинаа 62 млади лица, а околу 200 беа повредени. Осомничени се 60-на лица. Обвинителството најави дека истрагата ќе заврши до средината на јуни.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет