
До почетокот на следната учебна година, подрачното училиште во село Таринци треба да добие реконструкција. Проектот ќе биде аплициран по програма на министерствата, а откако ќе се добијат средствата, вели градоначалникот, Виктор Паунов, ќе се започне со негова реализација. Кофинансирањето ќе биде обврска на Општината.
„Училиштето коешто го најавив, подрачното училиште во селото Таринци, ќе биде реконструирано и е дел од мојата програма. Она што можам да го најавам е дека ќе го аплицираме во една од програмите коишто се објавени во овој момент или се пуштени како огласи во министерствата, така што да почекаме да ги добиеме оние средства коишто ги очекуваме од државата, а кофинансирањето, секако, ќе беше наша обврска во исполнување на тој проект. Се надевам дека успешно ќе го завршиме проектот до почетокот на следната школска година“, истакна Паунов.
Проектот е можност училиштето да добие променет систем за греење, што се појави и како потреба кога Општината се соочи со проблеми при снабдувањето со огревни дрва. Во оваа насока со променет систем е и училиштето во с. Стар Караорман, а од МОН се веќе обезбедени и средства за промена во училиштето во с. Крупиште.
„Овој проект за реконструкција е комплетна реконструкција со доградба. Ќе добиеме неколку нови простории, ќе добиеме санитарни простории во рамки на училиштето, а не како досега надвор од училишната зграда. Комплетно проектот опфаќа парно-греење, така што тоа е целосно модерен проект, којшто ќе биде по стандардите како што треба да изгледа едно училиште“, додаде Паунов.
Подрачното училиште во с. Таринци е приоритет на Општината и градоначалникот за тековната 2023 година, а тековно се работи и на нови улици, тротоарски решенија и спортски игралишта. Реконструкција ќе претстои на подрачното училиште во с. Радање, за каде исто така се очекува финансиска поддршка од страна на државата.
Ребека Спасова М-Нет