Утре е Прочка – ден за меѓусебно простување меѓу верниците и помирување со Бога

Оваа слика има празен alt атрибут; Името на датотеката е crkva-stip-1024x576.jpg

Православната црква утре го празнува празникот Прочка или Велики поклади – ден посветен на меѓусебно простување. Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која треба да го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето, но и помирување со Бога и барање прошка од Него. Најчесто меѓу народот е познат обичајот помладиот од постариот да бара прошка со зборовите „прости ми“, а постариот да одговара со „простено да ти е од мене и од Бога“. Обичаите за ова се различни во делови од земјава, а во регионов најчесто кај постарите се оди со портокали.

Прочка го означува крајот на зимските и почетокот на пролетните празници, а денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Како што се вели, душата со љубов го прегрнува постот и го започнува своето четириесетдневно патување низ пустината на воздржанието, надѕирајќи го таму некади при крајот блесокот на Христовото воскресение.

За овој празник се врзуваат и карневалите во Струмица и Прилеп, но очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на библиските учења и црквата, а забавите околу огновите и карневалите се остатоци од претхристијанските пролетни забави.

Ребека Спасова М-Нет