УЖ ВМРО ДПМНЕ реагира на испадот на премиерот, од СДСМ велат да престанат со лицемерие

Испровоцирани од вчерашниот немил испад на премиерот, Димитар Ковачевски, УЖ на ВМРО – ДПМНЕ во Штип со обраќање до јавноста. Реагираат на дисквалификацијата на жената и кршењето на правата на жените од сите страни.

„Станува збор за обид за дисквалификација на жена во политичка дебата по пат на навреди на лична основа кои вклучуваат квалификации за физички изглед. На очиглед на целата јавност, при целосно отсуство на срам и вина, не извинувајќи се, премиерот (со оглед на функцијата која ја извршува) со своето однесување вксушно промовираше модел на однесување кој според него веројатно треба да се следи“, истакна претседателката на УЖ на ВМРО ДПМНЕ во Штип, Христина Серафимовска.

Со цел заштита на правата, од УЖ упатија повик до претседателката на Комисијата за еднакви можности во Советот на Општина Штип, Златка Иванова, да излезе и да го осуди потегот на премиерот, а со тоа и јавно да застане во одбрана на позициите на жените.

„Со цел градење механизми за заштита на жените и унапредување на нивната позиција во општеството до 2021 година, беа основани 80 комисии за еднакви можности во советите низ Македонија. Должност на овие тела е будно да ги следат случувањата во општеството и да реагираат при евентуални отстапувања. Очекувам Иванова да застане со нас, на страната на жените и како политичка фигура делегирана од граѓаните на Општина Штип да ги искористи сите механизми на Комисијата за еднакви можности за да ги заштити жените“, додава Серафимовска.

Од ОО СДСМ Штип, пак, во писмено соопштение посочија дека партијата треба да престане со лицемерието и да се извини за она за што тие се одговорни.

„Пред да се расфрлаат за обвинувања за кои немаат никаква реална причина освен оркестриран политички прогон за измислена ситуација, од УЖ ДПМНЕ нека споделат партиски став за нивниот пратеник Бране Петрушевски, кој физички ја нападна пратеничката Жаклина Лазаревска. Ги повикуваме Унија на жени на ДПМНЕ конечно да се огласат и за грозоморните исповеди за силување на нивната партија – Драган Павловиќ Латас. Загрижува што Унија на жени на ДПМНЕ одбираат свсно да останат неми и глуви на бруталните чинови на навреди, физички напади и насилство врз жени кои се спроведени и оркестрирани токму од ДПМНЕ и главните политички гласноговорници на оваа партија.“ – одговорија од ОО СДСМ Штип.

Од таму додаваат дека мизогинијата, омразата, предрасудата кон жените и родово базираното насилство се неприфатливи, па, како што велат, ДПМНЕ мора конечно да расчисти со лицемерието и со ваквите нивни секојдневни пракси.

Ребека Спасова М-Нет