Учениците од с. Таринци од септември ќе учат во централното училиште во с. Карбинци

Учениците од подрачното училиште во село Таринци од септември ќе учат во централното училиште во село Карбинци. Рокот за завршување на реконструкцијата на училиштето во Таринци е до месец ноември и дотогаш наставата ќе се спроведува во Карбинци, а за учениците ќе биде обезбеден и превоз. Градоначалникот, Виктор Паунов, вели дека веќе се прават точните распореди за тоа како би функционирала наставата.

„Објектот којшто се гради, реконструира и доградува, односно подрачното училиште во село Таринци е во една динамика којашто ни ветува дека до месец ноември би биле завршени овие градежни активности согласно со роковите коишто ги имаат изведувачите и Општина Карбинци, кои се токму на крајот на месец октомври или почетокот на месец ноември. Сметам дека би се исполнил тој рок доколку временските услови и сите прилики бидат на наша страна, така што учениците од месец септември до отворање на ова училиште ќе бидат згрижени во централното училиште во село Карбинци со организиран превоз. Веќе се работи на целосниот распоред, како тоа би функционирало“, истакна Паунов.

Новиот објект треба да биде енергетско-ефикасен, односно ќе овозможи и централно парно-греење на целото училиште. Двата објекта се спојуваат во една целина, нешто на што почна да се работи со завршувањето на претходната учебна година. Паунов вели дека веќе во план ја имале алтернативата за префрлање на учениците во училиштето во Карбинци.

„Така беше и испланирано, затоа што овој објект бара поголем рок за изведба, знаете дека активностите започнаа веднаш по завршувањето на учебната година, така што сметам дека согласно со рокот овој објект ќе биде завршен“, додаде Паунов.

Инаку, во подрачното училиште во Таринци учат педесетина ученици, кои во нов објект ќе учат по речиси пет децении. Зимава ќе биде и првпат кога ова училиште нема да се грее со досегашниот стар начин со огревно дрво.

Ребека Спасова М-Нет