
Штипјани се хумани граѓани и голем дел од нив имаат благородна мисија, велат од ОО Црвен крст – Штип по повод Светскиот ден на хуманитарните работници. Сите заедно со досегашните активности имаат помогнато во многу случаи на сиромаштија, глад и лоши услови за образование, здравје и работа.
„Штипјани се хуани граѓани, тоа во повеќе наврати се има докажано. Ние сите заедно даваме придонес во справување со прашањата, како што се борбата против сиромаштијата, глад, унапредувањето во здравјето, напредокот во образованието и слично“, истакна Деспина Димитровска, в.д. секретар на ОО Црвен крст – Штип.
Хуманитарните работници ги вложуваат своите ресурси за луѓето кои живеат во тешки услови. Овој ден, велат од Црвениот крст, е можност за благодарност и почит до сите оние кои ризикуваат во текот на својата работа со цел да им помогнат на некому кому му е најпотребно.
„Хуманите работници се вложуваат себеси за да им помогнат на немоќните, загрозените и луѓето коишто живеат во тешки економски услови. По повод Светскиот ден на хуманоста, ние им оддаваме почит на сите хуманитарци во нашето движење и затоа сакам да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на сите вас коишто правите сѐ за да го направиме подобро нашето место за живеење. Овој ден постојано треба да нѐ поттикнува да помагаме секому, да излегуваме во пресрет секогаш кога тоа е потребно, затоа што само со хуманост, без разлика на кого му е потребна помош, ќе успееме да направиме среќни и насмеани лица, без разлика на нивната припадност“, додава Димитровска.
Пoголем број донатори значи поголема можност да се постигнат општествени промени, вели Димитровска. Апелот е во ваква благородна мисија да се вклучат што повеќе штипјани, но и жители на околните места и со тоа да им се помогне на оние на кои им е најпотребно.
„Хуманитарните работници, како и волонтерството, помагаат при градењето на сплотени заедници, односно се негува поголема доверба помеѓу граѓаните и се развиваат норми на солидарност коишто се неопходни на една земја како во време на мир, така и во случај на катастрофи. Со донации во хуманитарни цели помагаме, но и поттикнуваме другите граѓани и правни субјекти да веруваат во истите причини како нас и да донираат, па така со вклученост на поголем број донатори се потврдуваат нашите напори да постигнеме поголемо влијание за општествени промени“, заклучува Димитровска.
Овој ден е во знак на сеќавање на бомбашкиот напад на 19 август 2003 година врз хотел во Багдад, Ирак, при што загинале 22 лица, меѓу кои и главниот хуманитарец во Ирак. Во 2009 година, Генералното собрание на Обединетите нации го официјализира денот како Светски ден на хуманоста.
Ребека Спасова М-Нет