
По повод Светскиот ден на културното наследство, утре вратите на штипскиот Музеј ќе бидат отворени за посетители. Заинтересираните граѓани на Штип и околината потполно бесплатно ќе може да ги посетат сите три објекта кои се во рамки на НУ Завод и Музеј – Штип. Она што може да се види се повеќе збирки и фондови од областа на археологијата, етнологијата, историјата, историјата на уметноста и современата македонска уметност.
„Во вторник, на 18 април, по повод Светскиот ден на културното наследство, вратите на нашиот Музеј ќе бидат отворени за сите бесплатно. Значи, сите коишто сакаат да го посетат нашиот Музеј, Музејот во Ново Село и Безистенот, ќе може тоа да го сторат потполно бесплатно. Во овој Музеј имаме археолошка поставка, историска поставка и етнолошка поставка. Во Ново Село имаме Музеј на националната борба, односно восочни фигури на дејците од Македонската револуционерна организација“, вели Симона Велкова, водич во НУ Завод и музеј – Штип.
Инаку, НУ Завод и Музеј – Штип врши дејности од областа на заштитата на недвижни и движни споменици на културата, презентација, обработка и чување на музејски материјал и организација на ликовни изложби. Активностите се насочени кон истражувачки работи и набавка на музејски материјал, стручно-музеолошка обработка, заштита на материјалот и културно-историските споменици, како и културно-образовна и воспитна дејност. Истиот како музејска и конзерваторска установа во Штип е основан во 1950 година, а денес сите овие поставки може да се видат секој ден по симболична цена.
Светскиот ден на културното наследство во земјава се одбележува секоја година, а годинава ќе има бесплатен влез во сите музеи и локалитети низ државата, сподели министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Ребека Спасова М-Нет