Донирањето органи во земјава бележи напредок, но постапката сè уште се соочува со недостатоци

Минатата година се изврши првата трансплантација на црн дроб, во 2020 година во државава беше изведена и првата трансплантација на срце. Сето ова се позитивни примери кои покажуваат дека земјава се поместува во позитивен правец во органодарителството, но на тоа треба уште да се работи. Боре Минов од Здружението „Храбро срце“ од Штип вели дека овој дел на здравството е во сѐ поголем развој последниве пет години.

„Како што знаеме, минатата година се направи и првата трансплантација на црн дроб во Македонија, што е фантастичен успех. Веќе откако ние почнавме како Здружение „Храбро срце“ да се активираме, а не верувам дека само ние сме придонеле за тоа што се случува, тука се и целиот тој стручен кадар, како лекари, како логистика, кои овозможија Македонија конечно да почне со трансплантацијата на срце, па и на останатите органи. Ние во нашето Здружение сме информирани конкретно за срце. Последните пет години има големо поместување и во законодавството, и во практичниот дел на здравството. Значи, направени се неколку успешни трансплантации“, вели Боре Минов од Здружението „Храбро срце“ од Штип.

Свеста е на повисоко ниво и кај граѓаните, заклучува Минов, а но за поголем напредок мора да работат и државните институции и граѓанските здруженија. Сѐ уште треба да се разрешуваат и низа дилеми, како на пример регистарот кој не е јавен, па не се знае ни зошто некој е на прва, трета или петта позиција.

„Да, сето тоа постои. Сепак, тој регистер не е јавен, тој е нешто што го контролираат тие луѓе коишто се задолжени за таа работа. Бидејќи во нашето Здружение поголем број од пациентите се со механичка потпора, често поставуваме едно прашање, а тоа е – зошто досега не е трансплантиран ниту еден пациент со помошна пумпа шо ја носи. Досега немаме некој конкретен одговор, но имаме сѐ подобра и подобра соработка со тимот којшто ги прави трансплантациите“

Кај нас за донирање на органите сѐ уште одлучува семејството на починатиот, што во тој момент е тешка одлука за нив, а во некои земји тоа е регулирано со картички за донација потврдени кај донор уште пред смртта на лицето. Исто така земјава се соочува и со недостаток од несоодветна мрежа за транспорт на органите, а Минов посочува дека работат на тоа од државните служби како Армијата или полицијата, да се добие некое возило за брз транспорт од другите градови во Скопје.

Ребека Спасова М-Нет