Нестабилните временски услови ги „мрзнат“ цвеќињата – една од причините за слаба побарувачка

Со доаѓањето на пролетта, па и уште од почетокот на месец април цвеќињата красат дел од штипскиот пазар. Најмалку петмина производители секој петок се присутни на пазарот и продаваат различни видови цвеќиња, за сечиј вкус по нешто. Ама временските услови им го рушат есапот оти поради ладното време никој не купува.

„Цвеќиња на пазарот, ама оти е ладно не се трошат. Народот поминува и си купува зеленчук, велат до цвеќиња не им било дојдено. Ладно е времето, каде ќе ги саделе, ќе измразнат. Ние пак ќе ги однесеме, ќе ги донесеме другиот пазар. Епа затоа, влијае времето. Инаку, цвеќиња ние произведовме, цело зимо се мачевме да не измрзнат, ги покривавме“, велат производителите.

Најмногу се бара каранфилот и други цвеќиња кои најлесно успеваат. За ова согласни се и купувачите, кои посочуваат дека цвеќињата не се луксуз, туку за малку пари може да разубават нечиј двор.

„Каранфилче бараат, старото каранфилче што беше. Имав, го потрошив. Најмногу успева на ладно, а инаку другото не успева толку на ладно. Цвеќињата ако се спасат, спасат, ние стравуваме и за зеленчукот што сме го произвеле. Времето наместо да се стопли… “, додаваат производителите.

Може да се издвојат и најскапи и најевтини видови цвеќе, но љубителите не обрнуваат значително внимание на цените. Сепак, производителите велат дека се продаваат под цена за да може да се продадат и барем малку од малку да се покријат високите трошоци.

„Цените се ниски, ама мора некако да ги продадеш. Не се исплаќа, какво исплаќање, скапа вода плаќаш, ама мора нешто да се работи“, велат производителите.

Најголема побарувачка има околу 8 Март, но вистинските љубители купуваат цвеќе во текот на целата пролет, како за себе, така и како подарок за свои блиски.

Ребека Спасова М-Нет