
Утревечер, со почеток во 20 часот, во Народниот театар во Штип ќе биде изведена премиерата на новата претстава „Хаос“.
„Хаос“ е современа драма која, преку силни ликови и напната атмосфера, ја истражува човековата состојба, односите и границите на моралното и општествено прифатливото. Публиката ја очекува возбудливо патување низ цел спектар на емоции, состојби и трансформации, бидејќи „Хаос“ е претстава за стресот, осаменоста, пријателството и борбата да се остане нормален кога сè наоколу се руши — претстава за секој човек што некогаш почувствувал дека не може повеќе, а сепак продолжил понатаму.
Претставата е работена по мотиви од текст на Мика Милиахо, а во режија на Александар Ивановски. Во свет каде што редот се распаѓа, ликовите се соочуваат со сопствените стравови и вистини.
Три жени. Три животи. Еден момент кога сè почнува да се распаѓа.
Софија, Јулија и Еми се пријателки кои се обидуваат да останат силни во свет полн со притисок, очекувања, работа, љубов и стравови. Но кога секојдневните проблеми почнуваат да излегуваат од контрола, нивните животи влегуваат во вистински хаос.
Во претставата играат: Ава Хусеини како Софија, Марија Минчева Андонов како Јулија и Кристина Атанасова Арсова како Еми. Вистински предизвик за нив, како актерки, е тоа што, освен главните ликови, ги толкуваат и сите останати улоги во претставата.
Иван Митев, М-Нет