Целосно достапен електронски систем за изводи за родени, венчани и умрени

Целосно достапен електронскиот систем за изводи за родени, венчани и умрените, како и потврда за слободна брачна состојба, информираште министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, на денешнта прес конференција. Аплицирањето и издавањето на документите се одвива целосно онлајн преку националниот портал за услуги. Граѓаните документите ги добиваат директно на својата електронска пошта. Како што рече тој, услугата била промовирана во декември како дел од дигитализацијата на јавните услуги. Документите може да се испечатат во секое време и од било кое место.

,,Аплицирањето за електронски извод од матична книга на родени, венчани, умрени и потврдата за слободна брачна состојба се достапни на порталот електронски, што значи дека и аплицирањето на порталот и давањето на услугата е целосно електронски, а документот го добиваат и во вашето сандаче, нешто што го промовиравме во декември и го добивате на вашата меил адреса, а потоа можете да си го испечатите дома или било каде.“, вели Андоновски

Иако електронската услуга е целосно достапна, дел од законските решенија сè уште бараат користење на печатени документи, посочува министерот Стефан Андоновски. Тој нагласува дека можноста постои, но потребно е и институциите да се прилагодат за целосна примена на дигиталните услуги.

,,Она што еве можам да го кажам, може да се види на првата страница на порталот, ова е втората некористена услуга во моментот на порталот. Прашавте зошто мора да се испечати, за жал дел од законите бараат извод од матична книга на родените, што институциите сметаат дека треба да биде документ. Се надевам дека во оваа насока ќе се движат и другите институции, мое е да кажам дека можноста постои, a задача на сите институции е тоа да го реализира.“, кажа Андоновски

Министерот Стефан Андоновски порача дека дигитализацијата останува приоритет, а очекувањата се институциите постепено да го следат тој процес. Целта е граѓаните во иднина да ги користат услугите целосно електронски, без потреба од печатење и физичко доставување документи.

Иван Митев, М-Нет