Штип УГД утре оди по нова победа против Работнички – штипјани сакаат двојна круна и нова историја!

Одбојкарите на Штип УГД направија хет-трик со освојување на Куп титулата по третпат во низа, а сега штипјани одат по нова клупска историја да се освои шампионската титула и тимот да ги обедини двете титули.

Мечот со Борец во Купот беше неизвесен и тежок, но на крај четата на Кристиан Ристески го подигна Куп пехарот по третпат во низа.

„Одбојкарскиот клуб Штип УГД испиша нова историја во спортот во нашиот град, прва екипа во колективен спорт која успеа да врзе три Куп титули и се надевам дека годинава ќе ја освоиме за првпат и шампионската титула во првенството. Во однос на мечот со Борец од Купот истиот беше тежок, Борец е квалитетен противник, тоа го покажа самиот натпревар, но ние бевме одлично подготовени од страна на стручниот штаб и стигнавме до посакуваната цел“, вели Стаменков.

Фокусот сега е на шампионатот, Штип УГД има водство во полуфиналната серија со Работнички, одбојкарот Михајло Мирасчиев го анализираме мечот со скопскиот тим и го најави второто соочување кое ќе биде веќе утре.

„Работнички е непредлива екипа која ја знаеме со години, тој состав не се менува три сезони. Првата година кога ние игравме полуфинална серија игравме исто така со нив и имаше доста возбудлива серија полуфинални натпревари. Многу работи се променете од тогаш, како и нашата мотивација за игра со нив. Самиот распоред прави да имаме доста напорно темпо за игра, имавме исцрпувачко финале во саботата со Борец со еден ден одмор, тренинг и пак натпревар во средата. Секој екипа има мотив нас да не победи и сите против нас играат најдобро. Во првиот сет не игравме лошо, но можеби на моменти играта падна, а тоа беше мотив во следните три сетови да ја направиме потребната разлика. Одиме по нова победа утре и се гледаме во финалната серија“, вели Мирасчиев.

Мирасчиев очекува поддршка од штипјани на утрешниот меч и заедно да прослават уште една победа која ќе води кон нова историја.

„Ги повикуваме сите оние коишто сакаат да не поддржат се гледаме во сала“, дополни одбојкарот на Штип УГД.

Вториот меч од полуфиналната серија меѓу Работнички и Штип УГД се игра утре во Скопје со почеток од 14:30 часот.

Со оглед дека Борец имаше убедлива победа против Струмица во полуфиналата серија извесно е дека во финалната серија ќе гледаме реприза на Куп финалето меѓу Штип УГД и Борец.

Александар Ванев, М-Нет