Уставен го укина членот 12 за „60 часа работа во просек неделно“ за изградба на Коридор 8 и 10

Укинат членот од Законот на американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ со кој се предвидуваше 60 часа во просек неделно работа за градежните работници кои ќе ги градат коридорите 8 и 10. Уставниот суд го укина на денешната седница со образлочение дека е во спротивност со темелната вредност владеење на правото.

„Уставниот суд на денешната седница го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 (делница на автопатот Прилеп – Битола). Уставниот суд донесе одлука за укинување на оспорениот член бидејќи е во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот,  како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Уставниот суд оцени дека со овој член се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека  е во  спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.“ – се вели во соопштението од службата за комуникации на Уставниот суд.

Како што стои во соопштението подносители на иницијативата се Здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“ – Штип, претставувано од Кристина Ампева, ССМ, претставуван од претседателот Дарко Димовски и СГИПРМ (Синдикат за градежништво, индустрија и програмирање на Република Македонија), претставуван од претседателот Иван Пешевски. Според Ампева, пресудата е во полза на работниците и во корист на нивните права.

„Како Здружение коешто го иницираше ова законско решение пред Уставниот суд, јас сум задоволна и мислам дека вака треба да работи Уставен суд и се надевам дека оваа позитивна пракса ќе продолжи и во иднина, секако во корист на човековите и работничките права. Што значи и зошто ја покренавме? Поради тоа што во членот 12 стоеше дека работниците треба да работат 60 часа во просек, а ако зборуваме во просек може да биде и 120 и 150 часа. Ние не може да го дозволиме тоа на разни временски услови, тоа се коси со Уставот, со Законот за работни односи, како и со сите конвенции“, вели претседателката Ампева.

Ампева порачува функционерите е да не одат надвор од своите ингеренции и да ги почитуваат Уставот и Законот за работни односи од каде се црпи целата правна легислатива за работничките права.

Ребека Спасова М-Нет