Сите основни и средни училишта во Штип ќе формираат паралелки со помал број ученици

Штипските училишта се соочуваат со сѐ помал број на ученици. Во петте основни и четирите средни училишта и годинава има помал број на ученици во прво одделение и прва година, но бројот е намален и во други паралелки. Од основните, за помали паралелки во прво одделение согласност бараат основните училишта „Ванчо Прќе“, „Славејко Арсов“ и „Гоце Делчев“, а ваков проблем немаат основните училишта „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“.

Проблем со запишувањето во прва година имаат сите средни училишта во Штип. Училиштето „Димитар Мирасчиев“ бара помали паралелки за речиси сите профили, Гимназијата, пак, сите седум паралелки да бидат со помал број. Училиштето „Јане Сандански“ нема проблем само со профилот медицинска сестра, а во „Коле Нехтенин“ дури пет паралелки треба да бидат со помалку ученици од законски дозволениот број.

Одлуките за паралелки со помал број ученици или комбинирани паралелки за сите основни и средни училишта во Штип беа донесени едногласно. Дозвола за ова има и од Министерството за образование и наука, но од таму сѐ уште се чека информација за тоа колкав ќе биде дозволениот број на ученици во една паралелка.

Ребека Спасова М-Нет