
Овој викенд на спортски план во Штип е „жетва“ на медали и големи победи во екипни спортови.
Каратистиката Душица Бреслиева овој викенд на Европското првенство до 21 година го освои бронзениот медал и во Штип се враќа со нов голем успех од големите натпреварувања.
Борачот Дејан Митров ја освои 17-тата титула Државен првак на Македонија со што тој е на врв на оваа вечна листа пред големите Чедо Николовски, Коце Ефремов и Шабан Трстена. Првата титула Митров ја освои во 2005 година, а 17-тата титула ја освои овој викенд на Државното првенство кое се одржуваше во Штип.
Боречкиот клуб Балканец од Штип на Државното првенство во сениори освои десет медали во машка и женска конкуренција, шест беа златни, два сребрени и два бронзени, а Балканец и во машка и женска конкуренција во екипен пласман го освои второто место.
Викторија Варадинова овој викенд учествуваше на Државното првенство во кикбокс во Скопје, каде ја освои 15-тата титула Државен првак на Македонија, а во својата категорија таа е 15 години без пораз на државно ниво. Варадинова освои две злата во категорија киклајт и лоукик на минус 65 килограми.
„Жетва“ на медали и за кик-бокс клубот Гладијатор Фајт од Штип на Државното првенство каде од 15 борци штипскиот клуб има 11 медали, од кои три златни, три сребрени медали и пет бронзени, а Љупчо Коштанов за првпат настапува на Државното првенство каде забележа четири победи од четири натпревари за златен медал.
Овој викенд кошаркарите на Соколи со 93:84 славеа во дербито против Борец Баскет во Штип и со тоа сега избија на првото место на табелата во Втората лига и продолжуваат со успешните игри на патот кон влез во Првата кошаркарска лига.
Голема радост носат и одбојкарите на Штип УГД, кои овој викенд забележаа огромна победа од 2:3 над актуелниот шампион Струмица на гостински терен, каде во струмичката сала „Парк“ Штип УГД кој е актуелен освојувач на Купот на Македонија го совлада шампионот и со тоа ќе се разгорува битката за титулата не само во лигата, така ќе биде и во Купот.
Александар Ванев, М-Нет