73 програмски целини за 2022 година, објавена годишната програма на НУ-ЦК „Ацо Шопов“ Штип. Претстави, фестивали, промоции на книги, изложби, симпозиум се само дел од културните активности и настани кои штипјани ќе може да ги проследат во тековната година. Под слоганот „Ура за култура“ месеците ќе изобилуваат со културни содржини, пред сѐ за младите и нивната вклученост.
„Она што сакам да го потенцирам е дека ќе имаме четири театарски претстави, како и конкурс за пишување на детски театарски дела, а со наградениот текст ќе направиме и театарска детска претстава, која ќе биде во месец ноември. Многу е важно што даваме шанса на младите уметници. Оваа година ќе биде година на мозаиците, со што ќе може да се види значајноста на мозаикот, ќе имаме и мозаични структури коишто ќе го оплеменат надворешниот простор“, истакна директорот на НУ-ЦК, Горан Трајков.
Освен традиционалните фестивали кој веќе се одржуваат по петти и десетти пат, новина во програмата ќе биде Градскиот хор, како и Дувачкиот оркестар и Ликовното ателје. Сепак, според Трајков, за опстојување на ваквите активности треба соработка помеѓу Општината и националната установа.
„Најновото што го поставуваме е Градскиот хор, за кој имаме обезбедено средства за работа, бидејќи треба да имаме постојан градски хор којшто ќе биде достоен за сите празници и обележја на нашиот град“, додаде Трајков.
Како проект од национален интерес во Центарот за култура ќе се работи на претставата „Амбасадор“, како и претставата „Нушиќ – наш современик“, детската куклена претстава „Балерината и воинот“, симпозиум за театарот и конкурс за пишување на драмски детски дела. Оваа година Центарот располага со трипати поголем буџет од минатата година, односно од 3.050.000 денари, сега е зголемен на 8.660.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет