Книгата „Од компетентност до комплетност“ на Киро Јорданов промовирана во Штип

Промовирана книгата „Од компетентност до комплетност“ – прирачник за преживување на наставници. Според авторот, Киро Јорданов, книгата е сеопфатна, односно опфаќа обработка на образованието од повеќе аспекти. Освен за наставниците, корисна ќе биде и за родителите, кој можат да дадат свој придонес во училишниот процес.

„Во последно време можеме да кажеме дека наставниците преживуваат. Поднасловот е малку симболичен, баш поради таа причина. Всушност, таа комплетност е она до коешто треба да се стремат сите наставници со влегување во училиштето и училишните клупи. Тоа е едно мое искуство од мојата досегашна работа, од мои трудови, нешто кое сакам да го пренесам како порака“, вели авторот.

Јорданов вели дека ваков прирачник им е особено потребен на наставниците, кои треба да се прилагодат на унапредувањето на образованието исправено пред секакви предизвици. Книгата е пишувана за учителско надградување, кое Јорданов смета дека треба да трае до последниот работен ден на наставникот. Според долгогодишната професорка, Снежана Мирасчиева, пак, прирачникот е и те како корисен и покажува како да се активираат сите ученици.

„Целокупната активност на децата треба да биде насочена кон она што е за нив интересно. Сѐ она што го што е интересно треба да го работи за наставникот и можеби тука лежи проблемот. Не во насока за да им диригираме што да работат, туку да работиме заедно со нив. Нашето внимание се окупира од технологијата, која, за жал, има негативен ефект“, вели Мирасчиева.

Како што додаваат Мирасчиева и Јорданов, онлајн – наставата и те како влијае врз учениците и за жал ефектите од истата не се позитивни. Иако е добро кога се користи напредната технологија, праксата покажува негативен ефект и врз децата и врз возрасните. Промоцијата на книгата „Од компетентност до комплетност“ се одржа вчеравечер во Домот на млади во Штип.

Ребека Спасова М-Нет