Ударник го среди Овче Поле, Слога Виница сигурна, Карбинци го „преплива“ Дојранското Езеро

Ударник направи големо изненадување откако на домашен терен со 3:1 славеше над фаворитот Овче Поле од Свети Николе, во меч од 15. коло од Третата македонска фудбалска лига – Исток.

Важна и голема победа за домашниот тим кој прави голем чекор на патот кон опстанокот во Трета лига – Исток.

Ланскиот второлигаш Слога Виница на домашен терен со 2:0 беше сигурна против Рудар, во меч каде гостинскиот тим од Пробиштип пружи силен отпор во обид да изненади барем за бод.

Карбинци го „преплива“ Дојранското Езеро откако успеа да остане непоразен на гостувањето во Дојран, откако одигра 1:1 против Дојранско Езеро и освои важен бод во грчевитата борба за опстанок.

Малеш на домашен терен запиша минимален пораз од Тиверија од 0:1 во меч на кој струмичани ја имаа улогата на фаворити за трите бодови. Во оваа коло слободна беше екипата на Вардарски од Богданци.

Вардарски е лидер на табелата со 30 бодови на своето конто, втора е Слога Виница со 26 бодови, Овче Поле е трет со 23 бодови, Тиверија е четврта со 22 бодови, колку што има и Дојранско Езеро кој е на 5. место. На шестото место е Ударник со 12 бодови, Малеш е седми со 11 бодови, Рудар е осми со десет бодови, а на деветто место е Карбинци со девет бодови.

Александар Ванев, М-Нет