
Угостителите и туристичките работници од утре на протест пред Министерството за финансии, онаму од каде се управува со парите во државната каса и од каде најдобро треба да знаат колку помошта е потребна, со цел да се слушнат и исполнат нивните барања. Угостителите изминатите две недели се под клуч, односно затвотворени за посетители, средства за нив нема од никаде. Во протестот ќе учествуваат околу 6000 правни субјекти од угостителско-туристичкиот сектор, а поддршка се очекува и од игротеките, туристички водичи и многу други.
„Повеќе од година дена чекавме надлежните институции да научат и да отпочнат добро да ја менаџираат корона кризата и да ги разберат нашите барања. Наместо тоа навлеговме во втора година во која здравствената криза е полоша. Се повеќе претпријатија се затвараат, а вработените остануваат без извор на егзистениција во време на криза“ – истакнаа од Туристичко угостителската комора.
Туристичко-угостителскиот сектор бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти, еднократна финансиска помош за угостителските објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и мораториум или репрограмирање со грејс период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојна банка, сè додека не почнат да работат без рестрикции.
Од туристичките агенции, пак, бараат еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот за важење на нереализираните ваучери за патување до декември 2022 година и ваучерите од проектот „Дома си е дома“ да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции.
Инаку во текот на вчерашниот ден во Собрание е изгласан петтиот пакет антикризни мерки, со присуство на двајца пратеници од СДСМ кои се појавија во скафандери бидејќи се позитивни на Ковид 19, со цел да се постигне кворум и да изгасаат предлозите од 32 и 36 седница. Во најава се и шести пакет мерки во кои ќе бидат опфатени секторите кои не работат овој 14 дневен каратин.
Лаура Стојанова М-Нет