
Утринава на состанок на Комисијата за заразни болести и по предлог на Министерот за здравство Венко Филипче, предложено е рестриктивните мерки да продолжат уште една недела. На утрешната Седница на Владата ќе се одлучува дали препораките ќе бидат прифатени или не. Со ова, полицискиот час од 20 часот до 5 часот наредниот ден ќе биде на сила уште недела дена, угостителските објекти ќе останат затворени за посетители, а ќе може да работат само со продавање храна преку шалтер или со достава, работата на обложувалниците исто така преку шалтер, а затворени остануваат фитнес центрите и спортските сали, како и забрана за семинари, конференции и обуки. Сегашната забрана за движење стапи на сила на 7 април годинава кога впрочем и полицискиот час беше зголемен за два часа, и беше донесена одлука за затворање на угостителските објекти. Истата требаше да заврши утре на 20 април. Министерот за здравство Филипче, во неколку наврати истакна дека продолжувањето на рестрикциите ќе зависи од бројот на новозаразени лица во државата. Тој исто така на состанок кој се одржа утринава истакна дека ситуацијата е стабилна, но мора да се почитуваат мерките и протоколите за заштита од невидливиот непријател. До кога ќе траат рестриктивните мерки и дали истите ќе се продолжуваат повротно зависи од движењето на бројот на новоинфицирани граѓани.
Лаура Стојанова М-Нет