
Угостителите сопственици на пицерии во Трговскиот центар блок А во Кочани од понеделник 23 март започнуваат со отстранување на поставените времени градби – тераси пред угостителските објекти.
Просторот на плочникот во Трговскиот центар блок А треба да биде вратен во првобитната состојба, односно да биде целосно исчистен и прооден за пешаци.
Ваквата одлука доаѓа под притисок на кривичната пријава што претходниот в.д градоначалник Венко Крстевски на 18 јуни лани ја поднесе до кочанското Основно јавно обвинителство. Притоа, угостителите на сопствен трошок ќе ги отстранат градбите во дадениот рок.
Согласно важечкиот законски пропис, угостителите по отстранувањето ќе може да побараат од надлежните да им одобрат користење на јавна прометна површина. Доколку добијат согласност ќе може да постават подвижна тенда-пергола, чадори, подвижни разделни жардиниери и друга угостителска опрема, но просторот нема да може да биде ограден, т.е треба да биде отворен од три страни.
Иван Митев, М-Нет