Трипуновски на средбата со ловџиите од Штип вети рестартирање на ловството во државата

Концесија на ловиштата, средени и одржувани ловишта е едно од низата барања кои ги посочија ловците од штипско на вчерашната средба со дополнителниот заменик министер за земјоделство, Цветан Трипуновски. Велат потребно е да се реагира за да се решат нивните проблеми.

„Значи првиот проблем е околу концесионерството, на нас ни е најважно да ја задржиме концесијата на нашите ловишта бидејќи се додека ловиштата се на ловците ние ќе можеме да ловиме.“ – велат ловците.

Рестартирање на ловството во државата и надополнување на постоечкиот Закон за ловство вети Трипуновски по средбата во Штип. Вели дека заложбите остануваат со цел да се помогне на ловците во цела држава.

„Она што сакам да го кажам е дека ќе има рестартирање на ловството во Македонија, затоа што најголем дел од ловиштата во државата се неподелени и она што секаде го разговараме со ловците е дека ветуваме надополнување на постоечкиот Закон за ловство бидејќи има уште отворени ситуации на кои ловците наоѓаат забелешки.“ – вели Трипуновски.

Лоша е ситуацијата и со земјоделството во државата вели Трипуновски. Затоа дециден е дека ќе се преземат мерки за помош во сите земјоделски гранки. Тоа е со цел да се врати епитетот на Македонија како земјоделска држава.

„Она што е во нашата програма се 800 милиони евра поддршка за четиригодишен мандат односно 200 милиони евра на годишно ниво. Тие пари ќе бидат поделени во неколку столбови, најголем фокус ќе бидат инвестиции во водостопанстовто. Ќе продолжиме и со класичните субвенции, одреден дел од нив ќе бидат зголемени.“ – додава Трипуновски.

Мерки се предвидени конкретно и за оризопроизводителите од кочанско, со цел да им се помогне да ги надминат проблемите со кои се соочуваат изминатиот период.

Лаура Стојанова М-Нет