
Незадоволни од најавената поддршка од осум денари за килограм предадена оризова арпа остануваат оризопроизводителите од општина Чешиново-Облешево. Велат дека годинава жетвата е многу слаба и приносите се мали, па најавената помош нема да им ги покрие загубите. Според нив, осумте денари се малку и нема да им помогнат значително да ја подобрат состојбата. Сметаат дека единствено решение е реална откупна цена на оризот.
,,Тоа не е добро за нас, немаме доволно количина на ориз и тие осум денари се малку. Жетвата е многу слаба, многу, нема по 350 килограми. Нас тоа не не спасува, нас не спасува само реална цена.“, велат оризопроизводителите
Жетвата на оризот е при крај, досега се ожнеани околу 85 проценти од нивите. Но, оризопроизводителите велат дека годинава родот е слаб и од нивите вадат многу помалку ориз од очекуваното.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на општина Чешиново-Облешево најави финансиска поддршка од осум денари за килограм предадена оризова арпа. За оваа мерка се планирани околу 100 милиони денари, а исплатата се очекува до крајот на годината.
Иван Митев, М-Нет