Транспорт и врски му порача на Јорданов да работи, а не да бара виновници за својот неуспех

Наместо да работи, најнеуспешниот градоначалник Јорданов ја критикува централната власт која му дава силна финансиска поддршка, вратија од Министерството за транспорт и врски на обвинувањата на штипскиот градоначалник. Од таму велат дека е срамно да се слика со механизација ангажирана од Министерството, а потоа да ги критикува, а го повикаа да реализира барем еден проект без задолжување со кредити.

„Да појасниме, Министерството за транспорт има обезбедено средства и ги има исплатено сите фактури кон изведувачот, а понатаму процесот на градење е предаден на надзорниот орган и изведувачот. Да потенцираме дека Министерството за транспорт и врски беше подготвено да ја започне реконструкцијата на улиците уште во месец јуни минатата година, но поради доцнењето на Општината со подземната иснталација, реконструкцијата започна дури четири месеци подоцна. Градоначалникот да им се извини на штипјани и да ја информира јавноста дека овој проект ќе беше завршен пред почетокот на зимските месеци доколку Општината си ги завршеше навреме обврските со подземната инсталација. Оваа Влада преку Министерството за транспорт и врски и понатаму останува најголем инвеститор во општина Штип каде се реализираат капиталните проекти со кои значително ги подобривме животните услови на Штип и околните населени места.“ – стои во реакцијата на Министерството.

Јорданов да престане да изигрува инспекторна туѓи проекти и конечно да почне да реализира свои проекти, затоа што за тоа е гласан, порачаа и од ОО на СДСМ Штип. Од таму го прашуваат Јорданов дали станува збор за бизнис зделка со бизнис интереси?

„Пред да ја префрлува вината, градоначалникот Јорданов нека одговори која е вистинската причина за недоврешните улици во населба Автокоманда. Токму тој е вистинскиот виновник за пробивање на роковите за реконструкција на улиците. Општина Штип и ЈП Исар имаа обврска за промена на водоводната и канализациона мрежа на улиците, па го прашуваме дали поради бизнис интереси, Јорданов распиша тендер за фирма која би ги вршела овие активности. Ангажирањето на приватна фирма му отвори можност на Јорданов за бизнис зделка, а беше пробиен и рокот за изведба на овие градежни активности.“ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Штип.

Министерството за транспорт и врски го повика Јорданов да се заблагодари на поддршката од нив, а од оттаму и општинската организација му порачаа да работи во интерес на граѓаните, а не да наоѓа виновници за својот неуспех и да задоволува интереси на негови партиски соиграчи.

Ребека Спасова М-Нет