Една дополнителна просечна плата и прием кај Јорданов за враќањето на штипските пожарникари

Со една дополнителна просечна плата и прием во кабинетот, градоначалникот ќе им се заблагодари на штипските пожарникари кои во моментов се враќаат од Турција. Јорданов вели дека веќе имаат воспоставено комуникација со нив и ги очекуваат да пристигнат најдоцна оваа вечер.

„Во текот на вчерашниот ден искомунициравме со тимот на пожарникари од општина Штип којшто замина во Турција. Тие веќе се тргнати, се на пат да се вратат во Штип. Како што напоменав, како на наши сограѓани, им ја должиме целата почит, затоа веднаш по нивното пристигнување ќе организираме еден прием во кабинетот за да се заблагодарам за целиот приоднес, за целата пожртвуваност којашто ја дадоа во име на сите наши сограѓани. Она коешто можам да го кажам е дека најмалку што можеме да направиме е да им се заблагодариме со еден скромен надоместок, со една дополнителна просечна плата, за хуманоста, пожртвуваноста која ја покажаа на дело“, истакна Јорданов.

Општина Штип во помошта за Турција се приклучи со финансиски средства и тим од пет пожарникари, кои во Адијаман пристигнаа на 10 февруари. Нивната акција заврши вчеравечер, кога работеа на објект од кој, за жал, сѐ уште се извлекуваа само мртви луѓе. Петте пожарникари заминаа со едно возило и три сет опреми, а нивна позначајна акција беше тоа што по седум дена од земјотресот од под урнатините извадија жива 35-годишна жена.

Во текот на ноќта конвојот од 32 македонски пожарникари-спасувачи и тимот од Дирекцијата за заштита и спасување ја заврши акцијата и е на пат да се врати дома.

Ребека Спасова М-Нет