Тиквеш и Вардар во дерби пресметка со две навивачки групи, Брегалница сака три бода против Струга

Вчера со минималниот триумф на Шкупи од 1:0 над Брера Струмица беше отворено седмото коло во Првата македонска фудбалска лига, а фудбалските возбудувања продолжуваат со уште пет натпревари кои ќе бидат одиграни во Штип, Скопје, Кратово и Кавадарци.

Дербито се игра во Кавадарци каде Тиквеш ќе го пречека најтрофејниот Вардар. Атмосферата на Градскиот стадион во Кавадарци ќе биде „пеколна“, бидејќи присуство ќе имаат двете навивачки групи – верните „Лозари“ и верните „Комити“.

Изразит фаворит нема, па така секој исход ќе биде сосема очекуван. Можеби мала предност ќе биде домашниот терен за Тиквеш, но најавеното големо присуство на „комитите“ ќе значи дека и Вардар би играл како да е на домашен терен.

Вардарци започнаа со позитивни резултати по доаѓањето на Александар Васоски и тоа е шанса плус за добар резултат денес во Кавадарци. Од друга страна ТИквеш нема победа од 13. август кога славеше во второто коло, потоа нанижа три порази и едно реми.

Брегалница во Штип ќе го пречека шампионот Струга Трим Лум во обид да врше две победи во низа, додека пак Струга која има неколку натпревари одиграно помалку поради европските обврски кои ги имаше, ќе атакува на триумф на тешкиот терен во Штип каде пред „Фалангата“ и штипската публика тешко се освојуваат бодови.

Тренерот на Брегалница, Горан Здравков за телевизија М Нет вели дека ја почитуваат екипата на Струга Трим Љум, но подгототвени и поддржани од верната публика и верната „Фаланга“ одат на победа.

„Паузата добро ни дојде пред се да се одмориме, а дел од повредените играчи да се вратат од повреди и да се вклучат во тренажен процес со тимот. Спремни сме да одиграме добар натпревар и да ја добиеме Струга. Домашниот терен е наша предност, поддржани сме на нашата верна публика, нашата верна „Фаланга“ која е наш 12-ти играч. Можеме да играме со секоја екипа, па така и со Струга Трим Љум која исклучително ја цениме, екипа која покажа дека е квалитетен противник и во европските натпревари, но сепак не се непобедливи“, рече Здравков за телевизија М Нет.

Во Кратово ќе гледаме соочување на Силекс и Шкендија, каде тетовчани ќе имаат тешко гостување и ќе мора да се намачат доколку сакаат позитивен резултат против Силекс, кој игра одличен фудбал во новата сезона. Кратовци имаат серија од две победи три ремија и само еден пораз по првите шест кола и одлично може да парира на гостинот од Тетово.

Шкендија е на врвот од табелата со 13 освоени бодови и има скор од четири победи и едно реми, па во Кратово ќе биде на вистински тест за сочувување на врвот.

Македонија Ѓорче Петров на домашен терен ќе бара излез од резултатската криза против Гостивар, откако „лавовите“ по шест одиграни натпревари имаат само една победа, две ремија и три порази. Од друга страна и повратникот во Првата лига екипата на Гостивар нема резултати за пофалба. Толку многу засилувања, вложени многу пари, високи плати и дефинитивно можеби најскапиот тим во македонската „елита“ има само три бодови и се наоѓа на последното место на табелата.

Денес во Ѓорче ќе гледаме дерби од долниот дел на табелата и дерби за излез од резултатската криза, натпревар важен и за едните и за другите, а трите бодови се импратив и за двете екипи, бидејќи во секој друг исход за двете екипи ќе биде еднаков на неуспех во обидот за враќање на победничките патеки и фаќање на приклучок кон горниот дел од табелата.

Работнички на Арената „Тодор Проески“ во Скопје ќе го пречека тимот на Воска Спорт во натпревар каде ќе гледаме неизвесен дуел на две екипи кои ги посакуваат трите бодови. Двете екипи имаат по седум бодови, „романтичарите“ имаат две победи, едно реми и три порази, а пак Воска спорт која има одиграно натпревар помалку во однос на денешниот ривал има скор од две победи, едно реми и два порази.

Охриѓани отворено ќе атакуваат на трите бодови, но и со бод ќе бидат задоволни од денешното соочување.

„После репрезентативната пауза се собравме минатата среда, прво добро одморивме после натпреварот со Брегалница, а потоа започнавме со работа, не беа тоа некои подготовки едноставно некој поинтензивен ритам едноставно моравме да се подготовки за продолжението од сезоната. Во нашата екипа пред натпреварот со Работнички владее добра и позитивна атмосфера и секако дека сакаме да ја продолжиме оваа добра низа, на три натпревари имаме седум бодови, две победи и реми. Работнички е екипа која игра добар фудбал, атрактивен, екипа која е спој на млади и искусни играчи, нема да биде лесно, меѓутоа со оглед на резултатите и формата во која сме во моментот мислам дека можеме да одиме на освојување на трите бодови. Играме на арената во Скопје, тоа ќе биде еден мотив плус за нас да се покажеме во најдобро издание и се надевам дека со добра игра можеме да го освоиме трите бодови“, рече Јован Николиќ во изјавата за телевизија М Нет.

Сите натпревари ќе започнат во 15 часот.