Течат последните подготовки за Ѕвегорска сурова, се очекуваат бројни посетители

Течат последните подготовки за одржувањето на традиционалната Ѕвегорска Сурова, која и оваа година ќе се одржи на 14 јануари во селото Ѕвегор Делчево. Организацијата е доверена на двата кума кои лани ја добија паричката од лепчето за сурова, со што ја презедоа одговорноста за настанот. Општина Делчево ја вклучи манифестацијата во Програмата за култура за 2026 година и обезбеди финансиска поддршка. Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека поддршката оди и кон кумовите и кон здружението кое е надлежно за организација. Се очекува Ѕвегорската Сурова и годинава да привлече бројни посетители и да ја оживее автентичната народна традиција.

,,На 14 овој месец во селото Ѕвегор ќе се одржи и оваа година познатата ѕвегорска сурова. Како што и самите знаете во основата на организаторите се и двата кума, кои што лани ја добила паричката од делењето на самото лепче двата кума ја имаа обврската да го организираат самиот настан. Ние како Општина Делчево ѕвегорската сурова ја имаме во програмата за култура 2026 година и нормално истата ја потпомагаме со финансиска помош кон самите кумови и кон самото здружение кое што е и надлежно за организација на истата.“, рече Гоцевски

Манифестацијата ќе започне под звукот на зурлите и тапаните уште во раните утрински часови потенцираше Гоцевски, посочувајќи дека ќе бидат посетени сите домови. Истата како што рече ќе трае се до раскривањето на невестата.

Инаку, по сите обичаи, како што рече градоначалникот Иван Гоцевски ќе следува ручек за здравје и делење на лепчето и на оној кај кого што ќе се падне паричката, има обврска догодина да биде кум и да ја организира повторно оваа манифестација. Целта како што кажа е зачувување на традицијата.

Иван Митев, М-Нет