Синоќешното гостување на бегалката Ива Михаилова на бугарски медиум, во кое таа изнесе тешки обвинувања против Македонија како и истакнување дека фактот што е родена во Македонија не ја прави Македонка, дека во срцето и душата се чувствува како Бугарка и дека, како што тврди, некој сака да ѝ го одземе бугарскиот идентитет, повторно ја отвори темата за иницијативата на Единствена Македонија за создавање правна основа за одземање на државјанството на лица со двојно државјанство кои дејствуваат против државните интереси, велат од Единствена Македонија.
Од партијата наведуваат дека случајот е повод сериозно да се разгледа прашањето дали Македонија треба да располага со законски механизми со кои ќе може да ги заштитува сопствениот суверенитет, безбедност и уставен поредок од дејствувања насочени против нејзините државни интереси.
„Единствена Македонија, пред еден месец, најави дека при следната промена на Уставот ќе покрене иницијатива за изменување и дополнување на Законот за државјанството. Иницијативата предвидува враќање на одредба што постоела во законодавството на поранешна СФР Југославија, а која овозможувала одземање на државјанството на лица кои поседуваат македонско и странско државјанство, доколку дејствуваат против државните интереси“, велат од партијата.
Од Единствена Македонија посочуваат дека „сегашниот Устав на Република Македонија не дозволува одземање на државјанството на македонски државјанин“. Токму затоа, велат од партијата, според нашиот предлог, најпрво е неопходно отстранување на уставната пречка, по што би следувале соодветни измени во Законот за државјанството.
Од Единствена Македонија порачуваат дека државјанството не смее да биде засолниште за лица кои работат против сопствената држава.
Текстот Единствена Македонија: Михаилова потврди дека се чувствува како Бугарка, иницијатива за одземање на државјанството е превземен од МАКФАКС.