Технички подготвени, кадровски се доекипираат, за по празниците да започне имунизацијата во Штип

Од наредната недела по Велигденските празници треба да започне масовната имунизација на населението во салата „Јордан Мијалков“ во Штип. Денеска на завршетокот на подготовките се спроведе проба, односно симулација за тоа како би се одвивал целата вакцинација.

„Денес сме овде во салата „Јордан Мијалков“ која што ќе биде неколкуте главни пунктови за имунизација со вакцина против корона инфекција. Денеска е завршен дел каде што ќе има симулација и проба како би течело процесот на вакцинација“ – истака директорот на КБ Штип, Ален Георгијев.

Имунизацијата ќе се спорведува во 22 вакцинални пункта, а дневно е планирано да бидат вакцинирани по 1000 до 2000 лица. Технички е подготвено, кадровски се доекипираат.

„Технички сме веќе подготвени, кадровски се доекипираме и ние и клиничка болница овде заедно учествуваме со персонал, меѓутоа мислам дека ќе има потреба и од другите градови. Проценка е да се вакцинираат од 1000 до 2000 луѓе, за тоа е потребно околу 50 медицински сестри, 8 доктори, за 12 часа и 16 администратори“ – кажа директорката на Здравен дом Штип, Снежана Трајковска.

Во процесот на имунизација на населението ќе бидат вклучени лекари, медицински сестри од Клиничка болница Штип, Зравниот дом „Панче Караѓозов“, здравствен персонал по потреба од останатите градови во Источниот дел од државата, волонтери, студенти по медицина.

„На анкетата која ја спроведовме аплицираа 128 студенти кои ќе бидат распоредени во различни градови. Моментално за Штип ќе бидат ангажирани 38 лица, студенти на Општа медицина во повисоките години.“ – посочи Дијана Илоска, претседател на СОМА.

Во салата „Јордан Мијалков“ во Штип ќе се вакцинираат лица од Источниот и Југоисточниот дел од државата. Засега е планирано да се работи во две смени од понеделник до петок, а доколку има голема заинтересираност не е исклучена и можноста граѓаните да се вакцинираат и во сабота. Пријавувањето ќе се врши преку Мој термин, меѓутоа тоа сеуште не е започнато, односно ќе почне откако ќе пристигнат вакцините.

Лаура Стојанова М-Нет